ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИТЕ НА ОХРИДСКИТЕ МАТУРАНТИ
- август 10, 2021
- 0
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески синоќа во дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ присуствуваше на доделување на дипломите на матурантите од оваа образовна институција од генерацијата 2020 -21 година. Во своето обраќање градоначалникот укажа на значењето на образованието и образовниот процес.
– Емоциите се големи затоа што вечерашново случување ме врати 25 години порано кога и јас бев на ваше место и ја чекав сопствената диплома. Можеби сега не, но подоцна сигурно ќе осознаете дека оваа диплома што вечерва ви се врачува е главниот билет кој ќе одреди на кое место од „животниот воз“ ќе успеете да седнете. Најдобрите години, безгрижното детство и младешките „лудории“ остануваат зад вас. Плодовите на знаењето и животните совети кои ги стекнавте во досегашното школување искористете ги мудро и одберете ја вистинската насока од раскрсницата на која сега се наоѓате. Обидете се да бидете сигурни дека не ја пропуштивте шансата да го направите вашиот живот убав . Изберете и правете го она што вас ве прави среќни. Не е битно дали утре ќе бидете адвокат или земјоделец, доктор или занаетчија битно е да работите со љубов затоа што само тогаш ќе имате успех. Поставете си цели и трудете се да ги исполните. Ако не можете да трчате,одете ако не ползете, но стигнете до целта. Само така ќе бидете среќни и задоволни. Сите посакуваме да имате светли настани и шарени моменти без горчливи загуби, несреќи и погрешни, сурови дела. Животот не е само црн или бел, во него има убави и лоши мигови но се ќе пребродувате полесно доколку сте „потковани“ со знаење и доколку не сте тргнале кон лоши животни навики кои ќе ве спуштат на дното. Затоа продолжете го вашето образование, работете вредно и чесно. Станете добри и искрени луѓе без пороци и лоши мисли. Така Светот ќе биде Ваш, а вие на вистински начин ќе се оддолжите на вашите родители и наставници кои многу вложувале во Вас. Секогаш имајте на ум дека по неколку години мора да се свртите зад себе и да размислите што сте направиле со себе и со својот живот ,затоа одлучувајте внимателно и мудро што сакате да бидете и која треба да биде вашата професија. Овој град и општество остануваат на Вас. Останете во добро здравје, со широка насмевка на лицето и позитивна мисла – истакна градоначалникот Георгиески.