Градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески заедно со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска беше во посета на производствените капацитети на словенечката компанија „ЛТХ Леарница“ во Охрид.

На средбата со манџерскиот тим на компанијата беше потенцирано дека во текот на петгодишниот инвестициски проект од 2018 до 2022 инвестирано е 15,3 милиони евра. Со овие вложувања „ЛТХ Леарница“ има стекнато право за поврат на 10% од инвестицијата во рамки на Програмата за поддршка на инвестициите и технолошкиот развој од Планот за економски раст на Владата на Република  Северна Македонија. Покрај инвестициите во опрема и објекти, во следниот период оваа компанија планира и опремување на едукативен центар кој би се користел за практична настава на учениците од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.

Во рамки на денешните теренските активности на владините функционери во Југозападниот регион, градоначалникот Георгиески и премиерот Спасовски заедно со потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија Мила Царовска беа во посета и на производствените капацитети на фабриката „Братство Инокс“. На средбата со менаџерскиот тим на компанијата којa е во сопственост на локални стопанственици, беше потенцирано дека покрај производството на висококвалитетни садови за готвење, компанијата има направено сериозни нови инвестициски проширувања. Профилот на фабриката сега е збогатен со производство на трансформатори, експанзиони садови, како и линија за површинска заштита на метални алати.

За новите инвестициски активности особено линијата за производство на среднонапонски трансформатори, компанијата „Братство Инокс“ има инвестирано 9,3 милиони денари, а 10% од инвестицијата е обезбедена од Програмата за поддршка на инвестициите и технолошкиот развој од Планот за економски раст на Владата на Република Северна Македонија.

Градоначалникот Георгиески истакна дека егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без локален економски развој, а тоа подразбира создавање поволна клима за деловни активности и инвестирање.

-Општина Охрид како и до сега ќе продолжи да инвестира во создавање на услови за континуирано зголемување, промена и освежување на квалитетот на вештините на младите и невработените лица. Во рамки на овие активност во соработка со Отворениот граѓански универзитет „Кузман Шапкарев“ до сега беа реализирани серија на стручни обуки за невработени лица, како и обуки за преквалификација и доквалификација. Беа спроведени обуки за заварувачи, ракувачи на машини за пластика, основни познавања од пневматика и хидраулика, алатничари и готвачи. Изборот на струките за кои годинава ќе се врши прекфалификација и докфалификација во иднина ќе се прави врз основа на спроведени анкетни истражувања за потребите на охридското стопанство.

Исто така би сакал да споменам дека во Програмата за Локален економски развој за оваа година превидени се средства за Субвенционирање на превоз на ново-вработени лица во приватен сектор. Исто така предвидуваме и изработка на нова Стратегија за локален економски развој, што е особено значајно за развојот на локалната економија и аплицирање на проекти до различни грантови програми, истакна Георгиески.

Градоначалникот Георгиески и премиерот Спасовски,  придружувани од Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми денеска извршија и увид на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.