По повод рамазанскиот пост и во пресрет големиот верски празник Рамазан Бајрам, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, вечерва приреди Ифтарска вечера за граѓаните со муслиманска веросиповед.

Во своето обраќање пред бројните гости, градоначалникот Пецаков ја истакна важноста на меѓусебното почитување и одржување на верските традиции.

-Искрено се радувам што организирањето на оваа Ифтарска вечера стана дел од нашата традиција со која продолжуваме да ги негуваме заедништвото, взаемното почитување и хуманоста.

Светиот месец Рамазан претставува време за радост, обновување на верските вредности и носи многу драгоцени мигови со најблиските. Преку заедничката трпеза луѓето  изразуваат сплотеност и шират пораки за мир и божји благослов.

Празничните моменти не учат да простуваме и да правиме добри дела. Посакувам овој рамазански месец да даде сила и верба да го подигнеме на повисоко ниво нашето мултиетничко живеење и да изградиме поубава иднина за Охрид и Македонија.

Со најискрени желби за здравје и благосостојба ви посакувам лесен пост и многу убавини во вашите семејства. Со вербата во Бога ви посакувам да имате добра мисла и пријатно расположение пред големиот празник Рамазан Бајрам. Да си го дочекате овој значаен ден со радост во срцата и спокој во душите.

Верувам дека и во иднина ќе продолжиме вака заеднички да ги чествуваме сите големи верски празници и да оставаме спомени вредни за паметење, истакна Пецаков во своето обраќање.

Ифтарската вечера во покровителство на градоначалникот на Општина Охрид се организира со цел да се одржуваат меѓурелигиските врски во заедницата. Рамазанскиот пост завршува наредната седмица, а муслиманските верници ќе го прослават големиот празник Рамазан Бајрам во среда на 10-ти април 2023 година.