Во  рамки на  „Прличеви беседи“, денес напладне во ЦК “Григор Прличев“ се одржа свеченост посветена  на  Славе Ѓорго Димоски кој за поемата „Денес“ е Лауреат  за 2023 година.

 Пред присутните пригодно обраќање имаше заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.

– И по многу изминати столетија од смртта на  великанот Григор Прличев македонските и светски творци на поезијата симнуваат капа пред неговиот величествен лик и неповторливите дела. Јас верувам дека секој  од нас денес е почестен што е дел од оваа свеченост, а највеличествено се чувствува познатиот охридски и македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски кој  со поемата „Денес“ стана лауреат на Прличевите Беседи за 2023 година.

Продолжувајќи ги востановените прличеви традиции за пишување на жанрот Поема  Ѓорѓо – Димоски  уште еднаш потврди дека сите ние сме чеда на Прличев  како еден од најголемите интелектуалци и преродбеници врз чиј труд се гради сето она што е духовно и креативно во Охрид.

Поемата „Денес“ нуди драгоцени созвучја со современоста, директно актуелизирајќи  повеќе топоси како постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна. Во средиштето на лирското промислување е ставена кризата на субјектот  и преиспитување на идентитетот во состојба на неизвесност , запрашаност и соочување со празнината: кој (а) сум јас , чија претстава сум, можна ли е комуникација со  со себе и со другите. Поемата „Денес“ донесува освежување  на канонскиот модел  на жанрот избегнувајќи ги архаичните обрасци  и реторика.

 Секое време раѓа свој Прличев,  годинешниот и многуте лауреати пред него се доказ за тоа. Тие се тие кои го обмислуваат новото време, кои ја раскажуваат нашата жива автентичност во современиот Свет. За тоа сведочат и ракописите кои се натпреваруваа за престижот да се биде носител на Прличевата ловористика

 Прличев е нашиот духовен водич. Затоа наградата што се доделува во негова чест, покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има креатори и творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен  идентитет  како значаен дел во светската духовна и културна ризница,

Ваквите чествувања се одлична можност повторно да си ветиме дека ќе ја чуваме нашата традиција, нашето минато кое е основа  на сегашноста и здравата иднина– подвлече Божиноски.  

На настанот беше врачена повелбата на поетот, есеист и преведувач Ѓорѓо – Димоски којшто имаше пригодно обраќање,а беше претставена и наградената поема „Денес“. Свое обраќање имаше и претставник од ЦК “Григор Прличев“.