Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески денеска одржа работна средба со претставници   од Центарот за Управување со Кризи, Територијалната противпожарна единица, Министерството за внатрешни работи,  Дирекцијата  за заштита и спасување, ЈП „Mакедонски  шуми“,   НП “Галичица“ и Шумска  полиција.

Целта на средбата беше да се согледа состојбата со пожарите на подрачјето на општина Охрид, а се разгледуваа можностите за  превентивно дејствување  во насока на избегнување на пожарите кои „беснеат“ на неколку региони во државава.

На состанокот се направи целосен преглед на расположливите човечки и материјално – технички  ресурси при пожар   и беше истакнато дека   во случај на пожар мора плански и координирано да дејствуваат сите релевантни институции со цел да се избегне катастрофа.

Меѓу другото беше посочено  дека  мора да се  алармира и детектира  секоја појава на лице  кое е потенцијален  предизвикувач на пожари. Во насока на превенција патролни служби од полицијата  ги  контролираат шумите во охридското подрачје , а четири резервоари со вода од по два тони се поставени во тешко пристапните предели низ охридските шуми.

Состојбата во Охридско – струшкиот регион  во однос на пожарите  е мирна. Од почетокот на годината до денес  охридските пожарникари  интервенирале 180 пати.