Градоначалникот Кирил Пецаков денеска беше во посета на новите работни простории на ЈП „Нискоградба“ кои се сместени во зградите на поранешната касарна. Новите простории се опремени по најсовремени стандарди и значително ќе ги подобрат условите за работа на вработените, а  ќе обезбедат и подобри услуги за граѓаните.

Градоначлникот Пецаков истакна дека со финализираното раздолжување, ова јавно претпријатие веќе има стабилна финансиска состојба што значи дека ќе може да работи рентабилно и да реализира нови проекти. Покрај раздолжувањето од 10 милиони денари, во ова претпријатие во последниот период направени се инвестиции за набавка на нова опрема и нови комунални возила.

Со цел да се подобри  ефикасноста и експедитивноста во реализацијата на теренските активности во текот на изминатиот период беше набавен трактор со цистерна за фекалии со носивост од 6000l, комбе Фургон со агрегат за чистење на канализација во товарен простор и нов багер – натоварувач.

Од денеска граѓаните за своите потреби ќе може да се обратат во новите канцеларии на претпријатието. Во објектот и просторот на улицата „Железничка“ кои претходно ги користеше ЈП „Нискоградба“, покрај механизацијата на ова претпријатие ќе биде сместена и механизацијата на ЈП „Охридски Комуналец“ и „Водовод“.

Во рамки на својата денешна посета, градоначалникот информираше дека Локалната самоуправа продолжува да работи на консолидација и стабилизирање на финансиската состојба во сите општински јавни претпријатија, подобрување на условите за работа и обезбедување на подобар квалитет на комуналните услуги.