МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД
- јули 6, 2020
- 0
- Категорија:
Градоначалникот Константин Георгиески денеска оствари средба со Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој беше во работна посета на Општина Охрид. На средбата беше разговарано за инфраструктурните проекти кои општината ги реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски, како и за идните планови за заедничка соработка.
Исто така, на средбата беше разговарано и за посветеноста на локалната и централната власт во насока на уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и неселективното применување на законските прописи, во делот на исполнување на препораките на УНЕСКО.
Министерот и градоначалникот извршија увид на градежните работи за реконструкција на улицата „Абас Емин“ каде што во моментов се изведуваат работни активности во рамки на првата фаза од проектот, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“.
Проектот за реконструкција на оваа улица е поделен на два дела, првиот дел, за изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на оваа улицата се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој. Вториот дел од инвестицијата кој ќе опфати комплетна реконструкција на коловозната лента и тротоарите во должина од 1100 метри, од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Железничка“ ќе се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид. Вредноста на вкупната инвестиција е околу 40 милиони денари.