Градоначалникот Кирил Пецаков денеска, оствари протоколарна средба со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик.

На средбата беше разговарано за унапредување на меѓусебната соработка во сферата на туризмот. Градоначалникот го информираше амбасадорот дека благодарение на двете сезонски авиолинии од Варшава и Катовице кон Охрид,  значително е зголемен бројот на полските туристи во градот во текот на летната сезона. Двајцата соговорници се согласија дека се потребни повеќе активности за поголема промоција на туристичките потенцијали на Охрид на полскиот туристички пазар.

Тема на средбата беше и соработката на полето на културата, особено во креирање на програмата на реномираниот фестивал „Охридско Лето“, во чии рамки годинава, на 22-ти јули ќе биде организирана „Полска вечер“ на која ќе настапат музичките уметници Емилија Гох Салвадор и Емануел Салвадор.
Исто така градоначалникот и амбасадорот разговараа и за потенцијалните можности за соработка помеѓу Охрид и одредени полски општини, со цел реализирање на заеднички проекти преку фондовите од Европската Унија.