Делегации на Општина Охрид и останати институции во градов положија свежо цвеќе пред спомен куќата на Марко Бошнаков со што се одбележаа 115 години од неговата смрт. Чествувањата продолжија со културно уметничка програма во спомен куќата на Христо Узунов.

Пред присутните меѓу кои беа и членовите од семејството на Бошнаков се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.

-Најверојатно никогаш нема да се најде начин со кој на исто ниво би му заблагодариле на Охридскиот гемиџија Марко Бошнаков за неговиот највисок патриотски чин на саможртва за самобитноста на македонскиот народ и градењето на Македонската држава. Секое чествување во однос на она што тој го направил за нас е премало и прескромно.
Денеска одбележувајќи 115 години од смртта на Марко Бошнаков се потсетуваме на неговиот огромен патриотизам, на храброста да се биде дел од малкумината кои вршејќи ги солунските атентати сакаа да го одвлечат вниманието на „Светските елити“ за случувањата во нашата поробена земја.
За своите херојски дела Бошнаков бил заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му била заменета со доживотна робија во злогласниот затвор Музрул во Африка, каде и починал на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошнаков „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“, така што ја отсекле главата од безживотното тело и ја донеле во Охрид.
Жртвата на Марко Бошнаков за Македонија претставува највисок патриотски чин. Тој е еден од великаните чие име го изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит.
Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови се издигна нашата татковина Македонија. Ние додека сме живи мора да продолжиме да се бориме за совршенство бидејќи слободата ја наследивме од нашите предци. Ние Македонците се сметаме себе си за сосема одделен национален елемент и ни најмалку не сме наклонети да ги исполнуваме барањата или условувањата на дел од нашите соседи. Македонија мора да припаѓа и припаѓала на Македонците и останатите народи кои живеат во неа.
Секоја генерација има своја битка и свои елементи на патриотизам. Денеска патриотизам значи да се учи, да се донесе нешто за својот град, позитивни процеси, да се напише книга за својот град, да се помогне на секој еден што е наш сограѓанин и кој си ја сака својата татковина. И врз база на тој момент на патриотизам кој го живееме сега треба да го градиме градот понатаму,Да создаваме подобри услови за живот за себе и подобра иднина за своите деца – рече Божиноски.

Во рамки на свеченостите настапија членовите на КУД „Гердан од бисери“, а историски час одржа кустосот при охридскиот Завод и музеј, Горан Митрески.