Општина Охрид е дел од проектот „Регионална програма за локална демократија на Западниот Балкан“ (ReLOaD2). Учеството во проектот е потврдено со потпишување на Меморандум за разбирање со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Распределбата на јавните финансии претставува сериозна задача за секоја јавна администрација или управен орган. Соодветната распределба на јавните финансии ги потврдува добрите намери на институциите за одговорно управување со јавното трошење. Целта на оваа активност е правилна распределба на буџетски средства, особено средства од општинските буџети, со цел да се овозможи покорисно и потранспарентно префрлање на средства до граѓанските организации.

Методолошкиот пристап за транспарентна распределба на средства наменети за организациите на граѓанското општество е изработен заради потребата од едноставни алатки кои може првенствено да ги користат општините за распределба на сопствените буџетски ресурси. Овој пристап има за цел да се комбинираат препораките на ЕУ за управување со проектен циклус (УПЦ) и да се обезбедат инструменти за ефикасно трошење на јавните средства.

Со цел квалитетна распределба на јавните финансии е изработена ЛОД методологијата која овозможува транспарентна распределба на средствата на граѓанските организации и јакнење на взаемната доверба, а истовремено и максимална искористеност на средствата кои се распределени на граѓанското општество, преку постигнување на развојните цели за општините.

Пристап базиран на проект подразбира објавување на јавен и транспарентен повик за сите граѓански организации кои треба да поднесат предлог проекти во дадена област. Проектите потоа се оценуваат од страна на комисија и на крајот се финансираат од општинскиот буџет. Транспарентниот и конкурентен процес за избор на проектите на граѓанските организации придонесува за обезбедување подобри услуги и конкретни резултати за локалното население.

Дефинирањето на приоритетите за јавниот повик претставува клучна задача во овој период пред објавување на јавниот повик. Во прилог следуваат предлог приоритети кои заедно со Вас ќе ги дискутираме и дефинираме на средбата:

 

1. Младински активизам и партиципација

1.1. Активности за спречување на врсничко насилство и реализација на активности за превенција и справување со сите видови на насилство.

1.2. Подигање на капацитетите на младите за вработување и самовработување, за преквалификација или доквалификација.

1.3. Активности кои доведуваат до зголемено учество на младите во процесот на донесување на одлуки кои се од значење за заедницата, како и активности кои се насочени кон поддршка и практицирање на волонтеризмот.

 

2. Родова еднаквост, економска и социјална инклузија

2.1. Активности за зголемување на вештините и знаењата на жените и ранливите групи во руралните средини со цел подобрување на нивната економска состојба.

2.2. Поддршка на проекти и активности за развој, поттикнување и промоција на земјоделското производство, како и активности и едукација за одгледување на органско производство.

2.3. Реализација на проекти и активности за социјална инклузија на ранливи категории на граѓани особено на лицата со попреченост и деца со потешкотии во развојот со цел подобрување на квалитетот на живот.

 

3. Туризам, заштита на животна средина и култура

3.1 Поддршка на проектни активности за развој и промоција на туризмот, заштита на животната средина и промоција на културно-историското наследство во општина Охрид.

3.2. Развој на алтернативниот и селскиот туризам како можност за остварување на приходи на граѓаните од ранливите категории, пред се на жените и младите од руралните средини.

3.3. Мерки и активности за зачувување на природното наследство и заштитата на животната средина преку поттикнување на еколошки акции, подигнување на јавната свест и сл.

 

За таа цел со особено задоволство Ве покануваме да присуствувате на Јавната дебата за утврдување на приоритети на јавниот повик, која ќе се оддржи на ден 16 декември 2021 година (четврток) со почеток во 12.30 часот во Големата сала на Советот на Општина Охрид.