Заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски  го проследи музичкиот рецитал и изложбата на фотографии што по повод 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената се одржаа вчера вечер  во ООМУ “Методи Патчев“. Во своето обраќање пред присутните Божиноски рече:

MEGA4747 – Верувајте ова е  една од поубавите годишни средби кои по традиција се организираат  по повод Меѓународниот ден на жената-8-ми Март. Убавина, сила, истрајност и љубов е она на  што ме асоцира секоја жена, мајка, сопруга, тетка или баба.

Моќта на жената, нејзината  доминантност и неопходност во секој дел од општествениот живот вечерва ќе ја увидиме преку музичкиот рецитал во изведба на двете уметници Билјана Буџакоска и Ивона Базгалоска како и преку 12-те фотографии  сликани  од објективот на Нина Ангелоска кои се 12 приказни на успешни охриѓанки  кои се само претставнички на се она што е една жена.

Додека го славиме Меѓународниот ден на жената, секогаш ја прифаќаме идејата за „колективен индивидуализам“ односно  идејата дека поединците кои се здружуваат можат да го променат начинот на кој што функционира Светов.  Затоа што жената е единственото  суштество  на Земјава за кое  ни психолозите не можат да објаснат од каде ја „црпи“ својата сила и продолжува независно од животните искушенија што се препречуваат пред нејзе. Затоа сметам дека жената не треба толку да биде  разбрана колку што е битно да биде обожавана. 

Паради од политички говори, синдикални „смс“ маршови и полни кафеани и ресторани е она со што се одбележува Меѓународниот ден на жената 8-ми март   кај нас. Јас сакам да верувам дека мал е бројот или речиси не постојат примери во кои жената се вреднува само на вакви случувања по повод празникот. Не сакам да верувам дека се уште постојат форми на семејно насилство во кои жртва е токму  жената.  Затоа што вие драги дами сте столб на се она што постои и не опкружува нас.

Шивачка на машина, адвокат, работничка на нива, учителка или хигиеничарка сите вие сте исто: наши мајки, сестри, тетки и баби без кои е неможно нашето секојдневие.  Затоа сите заедно треба да се вложиме и да го олесниме животот на жените кои се на маргините, чиј глас не се слуша, да допринесеме во поголема еманципација и вклученост во општествениот систем кој што само така може да стане подобар и пофункционален- рече Божиноски.

Реализацијата на овие два настани е во соработка со Комисијата за еднакви можности  помеѓу мажите и жените.