Градоначалникот Кирил Пецаков заедно со своите соработници од Секторот за образование при Општина Охрид денеска беше на  увид на градежните активности за подобрување на условите во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“.

Во тек е првата фаза од проектот за поставување на нова електрика во внатрешноста на објектот. Во оваа фаза се работи на поставување на каблите од електричната инсталација, проект во вкупна вредност од околу 3.400.000 денари. По завршување на оваа фаза следи објава на нов тендер за комплетно довршување на електричната инсталација со сите потребни фази за што веќе е изработен проект и се обезбедени средства во буџетот на општина Охрид.

Исто така, во моментов се работи на партерно уредување на дворот. Поставена е нова водоводна мрежа и приклучок, нова канализациона и атмосферска мрежа и на објектот на гимназијата и на спортската сала, завршено е поставувањето на новите кабли за електрична енергија и се врши нивелирање на теренот. По оваа фаза следува активност за поставување на бетонските постаменти за канделабрите, оформување на мултуфункционалното игралиште, поставување на патеката за трчање околу објектот на гимназијата, изградба на училниците на отворено, поплочување и уредување на просторот.

Општина Охрид изработи комплетен проект за реконструкција на гимназиската зграда со сите фази (архитектура, статика, електрика, водовод, машинство) и се очекува деновиве да биде аплициран до Министерството за транспорт и врски со цел добивање на соодветно одобрение. Во рамки на овој проект предвидено е реконструкција на кровот, внатрешна санација на ѕидовите заедно со изолација, промена на столаријата и реконструкција на подовите.

До сега во гимназијата реализирани се следните активности: комплетна реконструкција на тоалетите, набавка и поставување на систем за громобранска заштита, уредени се нови кабинети и простории во поткровјето, набавени се нови клупи и столчиња и завршено е  поставувањето на новата ограда околу објектот.